ВОВЕД

Екотуризмот како концепт е воведен во 60-тите години од минатиот век преставувајки еден вид на противтежа за масовен туризам и неговите облици кои во многу елементи сериозно ја нарушуваат животната средина . Дискутиран е од страна на еколозите во 1970-тите, прифатен од истражувачите од областа на туризмот во 1980-тите, сметан како сегмент кој има големи потенцијали и бележи брз развој од 1990-тите и сеуште трае како најбрзорастечки елемент на туристичката понуда во светски рамки.

Екотуризам како термин за прв пат го споменува мексиканскиот екологист Hetzer, кој ги дефинирал неговите четири основни компоненти во средината на шеесетите години од минатиот век . Според Hetzer , екотуризмот потребно е да содржи: минимален негативен ефект врз природата, минимален одраз и максимална добивка за културата на локалната заедница која ги прифаќа туристите,максимален економски бенефит за локалната заедница, максимално задоволство и релаксација за туристите.

Меѓународното здружение за екотуризам (International Ecotourism Society) во 1991 година ги поставува принципи, кои се прифатени од страна на научните институции, голем број на невладини организации, влади , компании и тие принципи се:

Ø Минимизирање на негативните влијанија на природата и културата кои можат да нанесат штета на дестинацијата;

Ø Нагласување на значењето на одговорно работење, кое делува во соработка на локалните органи на власта и со населението, се со цел за задоволување на локалните потреби и создавање на корист од заштита;

Ø Директни приходи од заштитата и управувањето со природните и заштитените области; Нагласување на потребата за создавање на планови за регионални туристички зони и планови за управување на посетите кои се наменети за регионите и деловите од природата за кои е одлучено да станат екодестинација;

Ø Аспирација да се обезбеди да развојот на туризмот не излезе надвор од границите на прифатени промени на социјалната животна средина;

Ø Ослонување на инфраструктурата која е изградена во согласност со животната средина, сведување на минимум на користењето на фосилните горива, зачувување на локалниот растителен и животински свет и интеграција со природното и културното окружување.

Ø Образование на патниците за важноста на заштитата;

Ø Нагласување на употребата на студии за животната средина и социјални студии, како и долгорочна програма за набљудување со цел за да се проценат и сведат на минимум негативните влијанија;

Енциклопедијата за туризам, го дефинира екотуризмот како одговорно патување во природата и посета на релативно недопрени природни заедници, со намера да се ужива и цени природата и сите културни вредности (минати и сегашни) што ја промовираат заштитата, имаат низок негативен удар на посетителите и овозможуваат корисно активно социо-економско инволвирање на локалното население.

Екотуризмот најчесто опфаќа еколошки одржливи патувања и посети за уживање во природата со што се промовира конзервацијата, има ниско негативно влијание од страна на посетителите и вклучува учество од страна на локалното население. Обично се фокусира врз активности од мал обем во добро дефинирани области, често во некои заштитени области, како и за задржување на локалната традиционална економија како главен работодавач. Екотуристот е одговорен турист кој консумира локална храна, користи локален превоз, живее на начин како што живее локалното население и ја почитува неговата култура и воопшто не прави ништо што може да и нанесе штета на локалната животна средина и локалната заедница.

Развојот на туризмот е производ на интерактивни односи во различни просторни, економски, социјални, психолошки и правни односи. Во овој контекст, треба да се прифати дека туризмот доживува сублимирано влијание на различните ресурси. Основниот пристап е важен фактор за одредување на диференцијацијата на основните типови. Алтернативноста, од друга страна, овозможува на оптимален начин да обезбеди значителни вредности во развојот и користењето на основните ресурси.

Според специфичноста на понудата и големината на побарувачката туризмот го делиме на масовен и алтернативен. Масовниот туризам се карактеризира со зголемено ниво на учество на туристите и неодржливост на природните и културните вредности, како и на голем број социјални и културни влијанија кои негативно се одразуваат на дестинациите. Алтернативниот туризам од друга страна, е насочен кон помали објекти за сместување, поголемо учество на локалната заедница, одржливост, сооднос со социјалните и културните вредности и поголема интеракција меѓу домаќините и туристите. Најважните карактеристики на масовниот и алтернативниот туризам се прикажани во табелата подолу.